Официјално: Војдан и Дамјан Стојановски остануваат во МЗТ Скопје

МЗТ Скопје по официјализацијата на Васко Атанасов за нов тренер денеска ги објави и првите информации околу играчкиот кадар. Она што веќе беше познато, Војдан и Дамјан Стојановски ќе ја продолжат својата авантура во дресот на актуелниот првак, денеска и официјално беше потврдено од страна на аеродромскиот клуб.

„Претставувањето на тимот со кој ќе настапуваме во новата сезона го почнуваме со кошаркарите за кои и немаше дилеми дека ќе го носат нашиот дрес на патот кон одбраната на двојната круна на домашна сцена, како и што подобриот пласман во АБА2, каде што ќе бркаме враќање во јадранската елита. Горди сме што во следните 365 дена во нашиот тим повторно ќе го имаме капитенот Дамјан Стојановски, нашиот заштитен знак и една од најголемите клупски легенди во историјата, кој ќе ја одработи втората година од договорот потпишан минатото лето. Крај него ќе биде уште една легенда на макбаскетот, неговиот брат-близнак, Војдан Стојановски, кој исто така има уште една сезона за играње во плаво-белиот дрес“, објави МЗТ Скопје.

Воедно, „металците“ обелоденија дека нивниот дрес ќе продолжи да го носи и Андреј Андоноски, крилниот центар кој доби зголемена минутажа во финишот од ланската сезона и сосема добро ја оправда довербата.

„Управата на клубот засилено работи на пополнување и на останатите позиции во тимот, со преговори со досегашни наши кошаркар, но и со нови потенцијални домашни и странски засилувања, кои ќе треба да го дадат дополнителниот шмек, а со тоа и квалитет во играта на гордоста на Аеродром. За сите нови информации навремено ќе бидете информирани преку нашата интернет-страница и профилите на социјалните мрежи“, информираат од МЗТ Скопје.

Како што дознава ЕКИПА, во наредните денови се очекува да бидат продолжени соработките со Бојан Крстевски и со Дамјан Робев, по што ќе се тргне и со нови засилувања на играчкиот кадар.

Се вчитува...