ОФС Валандово доби нов претседател, Џонов останува на ОФС Штип, Стојкоски на ОФС Прилеп

Сите 13 општински фудбалски сојузи на Македонија и нивните делегати на досега одржаните редовни изборни собранија, му дадоа целoсна поддршка на актуелниот претседател на ФФМ, Масар Омерагиќ во номинирањето за нов претседателски мандат кој се очекува да го добие на Редовното изборно собрание што ќе се одржи на 15 март во Скопје.

Општинските фудбалски сојузи на Гази Баба и Валандово, кои изминативе денови ги оддржаа своите собранија, добија нои претседатели. Откако во три мандати успешно го водеше Општинскиот сојуз на Гази Бба, поради зголемени обврски на работното место досегашниот претседател Свето Станковски се повлече од функцијата, а на негово место е избран Дарко Костовски, додека Станковски е предложен за член на Управен одбор на ФФМ. Делегати на Собранието на ФФМ се Игор Иваноски, Ристо Донев, Сенко  Муминовиќ и Науф Јусуфи.

И Општинскиот фудбалски сојуз на Валандово доби нов претседател, добро познатото фудбалско име, Сашко Бајлозов, кој низ играчката кариера беше дел од повеќе клубови во Македонија. За член на Управен одбор на ФФМ е предложен Дејан Бошков, а делегат во Собранието останува досегашниот претседател на општинскиот сојуз, Славе Крстев. Заменици се Влатко Зафиров и Горан  Манчев.

„Новото раководство на ФФМ обединува! Не бега од проблемите, туку ги решава во интерес на фудбалот. Останува да видиме дали некои луѓе ќе ги остават настрана разликите од минатото или договорот за функција навистина ќе ги поттикне да работат за добро на македонскиот фудбал!? Бајлозов со месеци беше најгласниот критичар на ОФС Валандово и досегашниот претседател на Општинскиот сојуз. И на речиси секој состанок на Сојузот и во секое интервју, посебно во последните неколку недели, па дури и во приватни разговори, ја нагласуваше т.н. негативна страна од работата на ОФС Валандово. Својата репутација во последниот период ја изгради на максимата – ‘Јас сум праведниот глас против сето она што другите го претставуваат’. Човекот со ‘принципи’, оддеднаш седна и се договори со досегашниот претседател на Сојузот. И стана претседател на ОФС Валандово и делегат на Собранието на ФФМ. И има неповторлива прилика да покаже дека се разликува од се она што досега го критикуваше. Во спротивно…, доколку не се држите до фудбалските принципи, толку е. Ова е мојата порака. Покажете дека сте тука за добро на македонскиот фудбал, а не за функција или лична корист. Истото важи за сите, но само со почитување на Статутот и процедурите. Надвор од тоа, ништо за никого, нема да помине. Правилата постојат за да се почитуваат“ – им порача претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ на новоизбраните раководители на општинските сојузи, преку официјалниот свој профил на социјалните мрежи, по одржувањето на Собранието на ОФС Валандово.

Во Општинскиот сојуз на Штип и во наредните четири години претседателската функција ќе ја извршува Димитар Џонов, решија делегатите  на редовното изборно собрание. Тој е и кандидат за член на Управен одбор на ФФМ. Покрај Џонов делегати во Собранието на ФФМ ќе  бидат и Илија Митров и  Бернард Симеонов, а нивни заменици ќе бидат Мијалче Маџунаров, Дарко Черкезов и Санде Николов.

ОФС Прилеп меѓу првите го одржа редовното изборно собрание. Марјан Стојкоски-Манта, повторно  доби нов четиригодишен мандат за претседател и е предложен за член на Управен одбор на ФФМ. Стојкоски е и актуелен потпретседател на Фудбалската федерација на Македонија. Покрај  него делегати во Собранието на ФФМ ќе бидат Петар Илиоски, Сашо Ивановски, Петар Ристески и Александар Мирчески. Заменици се Благојче Гешоски, Славе Ѓорѓиоски, Иле Мишевски, Тони  Наумовски и Диме Наумчески.

Редовно Собрание одржа и ОФС Липково со едногласна поддршка за Масар Омерагиќ за претседател на ФФМ. Абдула Сакипи е повторно избран за претседател на ОФС Липково, со кандидатура и за член на УО на ФФМ.

М.М.

Се вчитува...