Огромен скок на Ѓоковиќ на АТП листата, сега на чекор од ТОП 5

Новак Ѓоковиќ со освојувањето на Мастерсот во Синсинати дојде на чекор до пласман меѓу најдобрите пет тенисери во светот.

Некогаш најдобриот светски тенисер освои 1.000 бода од Синсинати и на денешната најнова АТП листа го дели шесттото место со хрватскиот тенисер Марин Чилиќ со по 4.445 бода. Ѓоковиќ се наоѓа на 170 бода од петтопласираниот Кевин Андерсон и 400 бода од Александар Зверев кој е на 4. место.

На врвот на листата е Рафаел Надал со 10.040 бода, пред Роџер Федерер кој има 7.080 бода додека на 3. место е Хуан Мартин Дел Потро со 5.500 бода.

Со оглед на тоа дека Ѓоковиќ до крајот на годината не брани поени на ниту еден турнир има големи шанси за Топ 3, па дури и за водечката позиција на АТП листата, што ќе зависи од резултатите на четирите големи турнири – УС Опен и Мастерсите во Шангај, Париз и Лондон.

После Ѓоковиќ во Топ 10 листата на АТП уште се и Чилиќ, Димитров, Доминик Тим и Давид Гофан.

Се вчитува...