Огромен црвено-црн револт: Срамно предавство на вардарството!

Огромен е револтот меѓу најверните вардарови навивачи „Комитите“ но и сите бројни поддржувачи и симпатизери на најтрофејниот македонски клуб, по одлуката на раководството на клубот со нереално високи цени на билетите за квалификацискиот натпревар од Лигата на Европа против Фенербахче да „удри“ по целокупната вардарова јавност.

Како што е познато, управата на клубот одлучи цената на билетите за пресметката со Фенербахче од ЛЕ да биде 2.000, 2.500 и 3.000 денари, со оставане можност за 50% попуст на истите на оние „вардарци“ кои претходно присуствувале на натпреварите на клубот.

Сепак, најголемата болка на „Комитите“ и вардаровите симпатизери, без разлика на цените, е одлуката на ФК Вардар Јужната трибини од „Телеком аренета“, која е симбол на вардарството во изминатите 70 години, да ја даде комплетно на Фенербахче и неговите навивачи, а македонските навивачи ќе може да купуваат билети само за Север и Запад.

„Ова е класично предавство на вардарството. Ова раководство не разбира што направи со распродажбата на Јужна на гостинските навивачи. Предадени и продадени се сите изминати вардарови години“ – се дел од коментарите на вардаровите навивачи.

Дел од „Комитите“ повикуваат и на бојкот на престојниот натпревар со Фенербахче кој треба да се игра на 17. август од 20 часот на „Телеком арената“ во Скопје.

„Без разлика на цената, Јужната трибини никогаш не смееше да се даде на гостински навивачи кога игра Вардар. Желбата им е само да се збогатат… Само парите им се во глава, ништо друго. Не знаат тие што значи Вардар! Затоа, можеби е најдобро комплетен бојкот на тој натпревар“ – се коментарите и по социјалните мрежи, кои одат и до степен на крајни вулгарни напади до раководството на ФК Вардар.

Од „Комитите“ најавуваат дека деновиве ќе ја разгледаат комплетната ситуација пред европскиот натпревар и ќе се појават со свој став преку соопштение пред целокупната домашна спортска јавност. Дел од нив сметаат дека овие одлуки на управата на клубот се и смислено донесени како еден вид „поука“ за претходните казни кои Вардар ги плати поради испадите на навивачите. Но, тоа носи само дополнителен револт кај најверните вардарови навивачи!

Се вчитува...