Огромна победа на Димитријевиќ и Хувентуд во Русија

Ненад Димитријевиќ и Хувентуд продолжуваат со извонредните настапи во Еврокупот, откако на денешното гостување во Русија против Уникс Казан стигнаа и до петтата победа во низа во ова натпреварување. Шпанскиот тим отпатува сериозно ослабен во Казањ, без главните играчи Анте Томиќ и Пау Рибас, но сепак успеа да стигне до триумф од 91-93 (по продолжение од пет минути) и уште повеќе да се зацврсти на чело на табелата.

Гостите од Шпанија го контролираа натпреварот, но домаќините во фуриозна завршница успеаја да се изборат за продолжение. Повторно Хувентуд беше подобар во дополнителните пет минути, но Уникс Казан израмни по загубената топка на Димитријевиќ на 25 секунди до крајот (91-91). Хувентуд сепак го реализираше последниот напад преку Бродзиански, за голем триумф над директниот ривал за првото место во групата.

Токму Бродзиански беше прв стрелец на Хувентуд со 20 поени, пред Ненад Димитријевиќ со 17 поени, два скока, две асистенции, но и пет загубени топки.

Се вчитува...