Огромно признание за еден од најпрестижните меѓународни фудбалски младински турнири „Илинден Куп“ кој од страна на Меѓународната асоцијација на фудбалски турнири (АФТ) е категоризиран како Елитен Турнир, еден од четирите најдобри во Југоисточна Европа.
„Илинден Куп“ кој оваа година, по четврти пат, ќе се одржи од 11 до 13 септември на терените во општина Илинден а во организација на Фудбалската школа Грозданоски, повторно ќе биде домаќин на голем број млади фудбалери и клубови од регионот и од цела Европа дефинитивно се наметна како едно од најсилните натпреварувања за младински категории на Балканот но и во Југоисточна Европа. Сето тоа потврдено и од Меѓународната асоцијација на фудбалски турнири (АФТ) со изборот во четири елитни турнири!
„Чест е кога само после три изданија на ‘Илинден Куп’ ќе те прогласат во најдобрите четири турнири на Балканот. Тоа дава поголем мотив да се оддржиме таму каде што ни е местото! На самиот врв на меѓународни детски турнири. Чест и привилегија е кога ќе те прогласат за Елитен турнир“ – вели Марјан Грозданоски, организаторот на „Илинден куп“ и сопственик на Фудбалската школа Грозданоски, и дополнува:
„За еден месец не очекува четвртото издание на Илинден Куп, каде што ќе земат учество веќе пријавени 230 екипи и повеќе од 2500 деца од цела Европа. Првпат од кога постои турнирот беше затворен за екипи три месеца пред неговиот почеток. Тоа кажува каква е заинтерсираноста за нашиот турнир. Огромен успех и за нас како Фудбалска школа ГРОЗДАНОСКИ а огромен успех и за македонскиот фудбал, затоа што фудбалот во Македонија доби бисер кој треба да се негува и да има се поголема поддршка од целокупната јавност! Затоа што нашиот турнир пред се ги поврзува децата од различни националности, традиции и вредности. А најважно од се е дружбата на децата, на кои ја покажуваме нашата добро позната македонска гостопримливост! Постојат турнири на кои се игра за медали, а затоа постојат и турнири за кои се игра и за нешто повеќе!“.
На годинашното издание на „Илинден Куп 2026“ ќе се натпреваруваат шест генерации млади фудбалери: 2014 (U13), 2015 (U12), 2016 (U11), 2017 (U10), 2018 (U9) и 2019 (U8).
Турнирот со години привлекува големи имиња од европскиот младински фудбал, па и оваа година на турнирот се пријавени фудбалски гиганти како Андерлехт, Рома, Бешикташ, Партизан, Црвена звезда, Динамо Загреб, Војводина, ЦСКА, Стеауа и бројни други регионални и европски гиганти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
