Охрид би можел да биде организатор на триатлон натпреварувања од Европскиот куп

Условите и организацијата на Балканското триатлон првенство и Европски куп добија најдобри оценки и од учесниците, но и од претставниците на Европската триатлон федерација кои вршеа контрола на настанот.

„Охрид има идеална патека за триатлон и од лицата кои ја вршеа контролата добивме ветување дека ќе добиеме препорака за редовно одржување натпреварувања од Европскиот куп. Оценките кои ги добивме се највисоки. И за патеката и за организацијата. Сите гостински делегации беа презадоволни. Нивниот впечаток е дека Балканското првенство го организиравме на подобро ниво од некои трки и во Европскиот и во Светскиот куп“ – вели во конечната оценка за изминатиот викенд, генералната секретарка на Македонската триатлон федерација, Гордана Николовска.

 

Организацијата на триатлон натпреварување е обемен процес во кој треба се да биде беспрекорно функционално. Организаторите сметаат дека ја исполниле таа задача.

„Ова за нас беше прво вакво искуство. Досега во Охрид никогаш не се одржувале напреварувања во триатлон. Работевме напорно со силна помош на локалниот организациски комитет, луѓето од „Охрид трчат“ и „Спорт за сите-сите за спорт“ и мислам дека успеавме да ја прикажеме државата во најдобро издание“.

На Балканското триатлон првенство учествуваа над 200 натпреварувачи поделени во повеќе категории. Во главната конкуренција, трофеите ги освоија српските натпреварувачи Вида Медиќ и Огњен Стојановиќ, а во штафетниот триатлон најдобра беше селекцијата на Хрватска.

Се вчитува...