Охрид е подготвен за Балканското триатлон првенство

Претстојниов викенд, Охрид ќе биде центарот на големо регионално случување. Во нашиот туристички центар ќе се одржува Балканското триатлон првенство кое ќе биде дел и од Европскиот Куп.  Организатор е Македонската триатлон федерација во соработка со локалниот организациски комитет.

Околу 300 натпреварувачи од повеќе од 20 земји ќе се борат на трите делници, пливање, велосипедизам и трчање. Поделени ќе бидат во 19 категории. Натпреварувањата ќе бидат во два дена. Главната трка е на завршниот ден.

„Подготовките на техничкиот дел се завршени, има одличен асфалт за делот на велосипедизмот и одлична патека за трчање, а водата е со висок квалитет. Во претстојната недела треба да ги завршиме уредувањата на стартно-целната рамнина и да ги пречекаме спортистите во Охрид. Овој натпревар бара огромна организација, како од аспект на човечки ресурси, финансии, но и логистички.  Сакам да истакнам дека во организацијата се вклучени и Асоцијацијата “Спорт за сите – сите за спорт“ од Охрид како и „Охрид Трчат“,  стручни спортски работници кои ни излегоа во пресрет и можам да кажам дека успешноста на овој настан во голем дел им ја препишуваме ним“ – вели генералната секретарка на Триатлон федерацијата, Гордана Николовска.

Ова ќе биде прв ваков настан во Охрид, но организаторите се надеваат дека градот ќе остави силен впечаток како од туристички, така и од спортски аспект, па во иднина би можел да биде и база за подготовки на триатлон спортисти со оглед на потенцијалот кој што го нуди нашиот најпознат туристички центар.

„Очекуваме квалитетна трка, која ќе биде организирана по европски стандарди и импровизации нема да дозволиме. Македонците ќе земат учество во голем број, а најмасовно ќе бидат застапени во трките по возрасни категории и во детските трки. Кадетите и јуниорите се одлично подготвени и очекуваме висок пласман“– најавува Николовска.

Од 12. до 14. септември ќе се одржи и меѓународен семинар за судии, на кој ќе присуствуваат 30 судии од Македонија и од регионот.

Се вчитува...