Охрид е подготвен за утрешното ново издание на Охридскиот пливачки маратон

Охрид е подготвен за 31-то издание на Охридскиот пливачки маратон кој утре со почеток од 12 часот стартува во водите на Охридското езеро, во рамките од Гран при серијата на ФИНА.

Како што информираа организаторите, на стартот во Св. Наум ќе се појават вкупно 22 пливачи, од кои 15 во машка и 7 во женска конкуренција. Првиот маратонец се очекува да пристигне по пет и пол часа на целта на градското пристаниште во нашиот најголем туристички центар.

„Денеска имаме чест да го најавиме одржувањето на 31-то издание на Охридскиот пливачки маратон, кој ќе се одржи в сабота на 19 август на популарната патека „Климе Савин“ од Св. Наум од градското пристаниште во Охрид. Оваа година како и секоја маратон се одржува подпокривителство на Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов, а главен организиратор е Општина Охрид заедно со Пливачката федерација на Македонија, Агенцијата за спорт и млади и Сојузот на спортски федерации во Македонија. За нас како Општина Охрид, за институција која се грижи за најголем дел од културните и спортските манифестации ни припадна честа да бидиме главни организиратори со што ќе ги преземеме финансиски обврски и логистиката и техничката организација. Ние и сите чинители во организацијата ќе дадеме се од себе и ова 31-во издание на маратонот да биде организирано на високо ниво, онака како што налага долгата традиција на оваа спортска манифестација која преставува еден од амбасадорите на Охрид и нашата република“ – истакна на официјалната прес-конференција градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Претседателот на Пливачката федерација на Македонија, Јане Карајанов информираше за техничкиот дел, односно за посебните мерки кои се преземени во финишот на трката за избегнување на минатогодишното сценарио кога Евгениј Поп-Ацев остана без место на пиедесталот после промашена бова.„Презедовме некои други мерки во целната рамниме да ги избегнеме несаканите последици кои се случија во финишот на трката последниве две години. Посебни инструкциите ќе добијат возачите на чамците и тренерите, бидејќи сите се дел од екипата. Пливачите се стигнати и сместени во Охрид и се тече во најдобар ред околу тој дел од организацијата. Како што можеме да се информираме в сабота временските услови ќе бидат одлични, што значи дека ќе не очекува добра и неизвесна трка“ – додаде Јане Карајованов.

ФОТО: www.ohridnews.com.mk

Се вчитува...