Охрид го изненади Гостивар, МЗТ сигурен против Пелистер

МЗТ Скопје Аеродром забележа рутинска победа од 83-71, а Охрид го доби  Гостивар со 94-89 во дуелите од 10. коло во домашното кошаркарско првенство.

По израмнетата воведна четвртина (20-20), разликата за триумф, МЗТ ја направи во вториот сегмент кој го доби со убедливи 16 поени разлика (29-13) по што во второто полувреме на скопскиот состав му припадна и третата четвртина, додека Пелистер беше подобар во завршните 10 минути, но тоа беше далеку од доволно за да го загрози успехот на фаворитот.

Андрија Бојиќ со 23 поени беше прв стрелец кај победничкиот состав, Андреј Маслинко постигна 15 поени, а капитенот Дамјан Стојановски еден помалку. Кај Пелистер, Габриел Белер со 22 поени ја предводеше листата стрелци. За МЗТ ова е седма сезонска победа, има и два пораза и е на втората позиција на табелата најмалку до утре кога шампионот Работнички го игра дуелот од 10.коло.

Во неизвесното соседско дерби со одличната последна четвртина која ја доби со 24-12, Охрид извлече тесна победа на гостувањето кај Гостивар од 94-89.  Претходно охриѓани беа минимално подобри во првата четвртина, Гостивар се одлепи во вториот период и имаше опиплива преднсот на полувремето. Израмнетата трета четвртина го најави неизвесниот финиш, по што следуваа завршните 10 минути во кои Охрид ја одработе победата.

Кевин Хил постигна 19 поени, Давид Младеновиќ имаше 17, Георги Зафиров 15, Лука Милојевиќ 14 во победничкиот состав. Кај Гостивар Ивица Димчевски постигна 20, а Алекснадар Костоски еден помалку.

Се вчитува...