Охрид веќе интензивно последниве години го враќа веслањето на големата сцена во македонскиот спорт. Во рамките на „Ohrid Water Festival“, успешно се одржа третата по ред меѓународна веслачка регата „Охрид 2025“, во организација на Веслачкиот клуб Горица Ремо од Охрид, која собра на едно место дури седум клубови од Македонија, Србија и Бугарија.
Покрај натпреварувачи од домаќинот Горица Ремо, на регатата беа дел и ВК Црн Дрим и ВК Врбник од Струга, ВК Галеб од Земун и ВК Зренекс од Зрењанин од Србија, како и ВК Черпоков и ВК Хеброс – Пловдив од Бугарија.
Регатата започна со посебна, емотивна нота. Настанот беше отворен со меморијалната трка скиф за јуниорки во чест на Јулијана Николиќ, талентираната веслачка чие сеќавање живее низ спортот. Победник во таа трка беше веслачката Ана Прентоска од ВК Црн Дрим, Струга.


Веслачите од Горица Ремо “извеслаа” до 15 одликувања и се претставија во најдобро светло, покажувајќи ја својата подготвеност и посветеност. Посебно се истакна Ана Ничевска, која освои сребрен медал во трката скиф за пионерки. Нејзиниот успех е доказ за упорност, истрајност и дисциплина на тренинзите.

Организаторите од Веслачкиот клуб Горица Ремо се горди на успехот на сите веслачи, кој ја потврдуваат сериозноста и квалитетот на клубот во регионални рамки. Со вакви настани, Охрид уште повеќе се етаблира како регионален центар за спортови на вода, а младите таленти како Ана се иднината на македонското веслање.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

