Охрид и Пролет во битка за ракометна Европа

Охрид и Пролет ќе излезат денеска со почеток во 19 часот на мегдан во спортската сала „Тодор Александров“ во Велгошти, во пресметка на два тима кои се борат за излез во ракометна Европа за наредната сезона. Охриѓани во првиот круг од плејофот славеа во Скопје над незгодниот ривал, па сега ќе се обидат да го повторат успехот и на домашен терен.

„Сигурно ќе биде тежок натпревар, бидејќи двете екипи ќе атакуваме на победа која ни е неопходна во битката за позициите на табелата кои водат во Европа. Сега пред натпреварот што можам да ветам е дека ќе дадеме се од себе, ќе играме максимално мотивирано и ангажирано во текот на сите 60 минути, што се надевам дека ќе биде доволно за победа. Во трите пресметки до сега извојуваме три победи, но тоа ништо не мора да значи, затоа што секој нов натпревар е нова приказна и предизвик“, изјави најдобриот ракометар на Охрид, Хрватот Денис Тот.

Пролет во меѓувреме од тој прв меч го промени тренерот, на клупата на скопскиот суперлигаш пристигна Зоран Кастратовиќ, кој имаше победничко деби на домашниот дуел со Еурофарм Пелистер 2. Голманот Петар Ангелов е оптимист дека Пролет ќе успее да триумфира на денешниот меч, со што ќе направи огромен чекор кон задржување на третото место.

„Работевме квалитетно во овој период, имавме десетина дена да се подготвиме и мислам дека максимално ги искористивме. Подобро сме подготвени на физички план, новиот тренер внесе и некои нови тактички замисли со кои мислам дека напредуваме на колективен план. Ова е меч на кој немаме што да загубиме, бидејќи и во случај на пораз би имале доволно можности за да стигнеме до посакуваното трето или четврто место. Од друга страна, можеме многу да добиеме бидејќи би направиле џиновски чекор кон третото место, затоа одиме во Охрид на победа, секој од нас, од масерот до последниот резервен ракометар да дадеме свој придонес за да стигнеме до триумф“, вели Петар Ангелов.

Се вчитува...