Охрид стигна до историски успех минатата сезона, по што уште повеќе се зголемуваат амбициите на „гладијаторите“ во текот на летово.
Охриѓани денеска го официјализираа и седмото засилување за овој преоден рок, потпишувајќи договор со Мартин Ивановски, охриѓанеот кој пред неколку години си замина од клубот, а сега се враќа откако мина една и пол сезона во дресот на РК Алкалоид.
„Мартин Ивановски е седмото официјално засилување на ГРК Охрид за наредната сезона! “Нашето дете”, охриѓанецот Мартин се враќа во својот матичен клуб. Македонскиот репрезентативец кој игра на позицијата среден бек потпиша договор со ГРК за 2026/2027 со можност за продолжување за 2027/2028. Има 25 години (182 cm) и ќе го носи дресот со број 34. Мартин освен за својот матичен клуб, бележеше одлични настапи во дресот на РК Алкалоид и Еурофарм Пелистер 2. Тие настапи го доведоа до место во македонската репрезентација“, објави РК Охрид.
Самиот ракометар не го крие задоволството што ќе се врати назад во родниот град, како адут на тренерот Ројевиќ за исполнување на зацртаните цели за наредната сезона.
“Пресреќен сум што се враќам во матичниот клуб во родниот град од кој потекнувам и каде што ги имав првите чекори. Охрид е амбициозен клуб кој од година во година оди само во нагорна линија и резултатите го покажуваат тоа и освојувањето на европскиот куп мислам дека е само почеток на оваа приказна. Се надевам дека заедно ќе успееме да го издигнеме клубот на едно уште повисоко ниво и ќе се радуваме на многу титули и успеси.” – изјави Мартин Ивановски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
