Охрид, Питу Гули, Осогово, Дојранско езеро и Кадино веќе промовирани како нови второлигаши

Веќе се промовирани пет нови македонски второлигаши од шесте третолигашки региони во домашниот фудбал. Охрид Лихнидос, Питу Гули од Крушево, ФК Кадино, ФК Дојранско езеро и Осогово од Кочани од следната сезоната ќе играат во Втората лига, а се очекува единствено уште шампионот во Третата лига – Запад.

ФК Охрид Лихнидос изминатиов викенд крунисан во шампион во Третата лига – Југозапад и промовиран во нов член на Втората МФЛ. Градот Охрид, преставник во Втората лига добива по седум години пауза. Последна екипа која се натпреваруваше во второлигашкото друштво беше ФК Охрид Лоте.

По цели 25 години, пак, ФК Питу Гули од Крушево ќе игра во Втората лига откако со вчерашната победа од 3-0 против велешка Бабуна од Велес го освои првото место во Третата лига – Централен регион.

Во Третата лига – Исток, нов шампион е ФК Осогово кој по само една сезона во третолигашкото друштво повторно се врати во Втората лига. Осогово убедливо е на врвот во Истокот пред екипата на Овче Поле.

Во Третата лига – Север, пак, нов шампион е ФК Кадино кој од следната сезона ќе игра во Втората лига. Кадино до титулата во третолигашката регионална конкуренција стигна на убедлив начин. На две кола до крајот е со дури 14 бода предност на врвот пред Фортуна и ССК Нова.

Во Третата лига – Југ, нов шампион е Дојранско езеро кој следната сезона ќе се натпреварува во Втора лига. Дојранско езеро убедливо го освои првото место пред Тиверија, во моментов со девет бода повеќе пред последното коло.

Останува уште да се одлучи шампионот во Третата лига – Запад, каде на три кола пред крајот ФК Дрита има бод предност пред ФК Вардар – Форино.

Се вчитува...