Охрид по голема битка го совлада Пролет, огромни бодови за место во плејофот

Охрид е на добар пат да го осигура шестото место на табелата и да се натпреварува во плејофот од ракометниот шампионат откако во денешниот директен дуел славеше над Пролет со резултат 23-20. Мечот го одбележа фантастична борба на двата тима, за охриѓани во финишот да го скршат отпорот на гостите, кои 53 минути имаа водство, но на крајот претрпеа пораз.

Гостите извонредно го отворија мечот, Јане Цветковски имаше неколку успешни интервенции, додека на спротивната страна Пролет лесно го наоѓаше лекот за агресивната одбрана на охриѓани. Палевски не реализираше пенал на почетокот, но Пролет набрзина стигна до убедлива предност од 2-6, принудувајќи го Раде Стојановиќ на тајмаут. Домашниот стратег експресно направи корекции во играта на својот тим, па Охрид за помалку од пет минути успеа да израмни на 6-6. До крајот на полувремето можеше да се проследи израмнета игра на двете страни, а на одмор се замина со 10-10, откако Охрид погоди од половина терен во празна мрежа по голот на Џонов на спротивната страна.

Влогот на мечот беше огромен, па почетокот на второто полувреме го одбележаа неколку исклучувања на двете страни. Подобро се снајдоа гостите кои предводени од искусниот Пејовиќ го контролираа резултатот во првиот дел од второто полувреме, одржувајќи предност меѓу еден и два гола. Охрид се врати и стигна до израмнување од 17-17, но Јане Цветковски блесна во вистински момент за Пролет, бранејќи пенал при водство од 17-18. Домашните ракометари повторно влегоа во мини-серија и со пеналот на Шилегов поведоа со 19-18, прво водство на охриѓани на натпреварот дури во 53. минута.

Голманот Брауновиќ блесна кога беше најзначајно за охриѓани со две интервенции при „плус еден“ за домашниот тим. Домаќините погодија за 21-19, резултат при кој Брауновиќ повторно блесна со одбранет пенал на Палевски, по што Николов погоди на спротивната страна, за печат на победата на домашниот состав, на крајот изразена со конечни 23-20.

Десниот бек Николов беше најдобар поединец на натпреварот со десет постигнати гола, додека Палевски со шест беше најефикасен во таборот на Пролет.

Се вчитува...