Охрид прв го најде лекот за Алкалоид оваа сезона

Охрид триумфираше во дербито на четвртото коло од ракометниот плејоф против Алкалоид со резултат 30-26, нанесувајќи му го првиот овосезонски пораз на актуелниот вицешампион кој имаше 17 победи во низа во пресрет на денешниот натпревар. Охриѓани одиграа извонреден меч во кој го диктираа темпото, а клучната предност ја направија во финишот од првото полувреме, кога со извонредна серија стигнаа до „плус седум“ со што си го трасираа патот до победата.

Почетокот на натпреварот мина во знакот на голманите, Ѓорѓевски на едната и Галевски на другата страна кои запреа неколку удари на ракометарите на двете екипи. Цирар играше извонредно во нападот на Охрид, на спротивната страна Серафимов беше играчот кој најчесто преземаше одговорност кај Алкалоид, а двата тима се менуваа во водство. Лазаров реши да го повлече Галевски при резултат 9-8 по еден наивно примен погодок, по што Охрид влезе во ритам. Тренерот на Алкалоид побара тајмаут при 11-9, но во следните три напади неговите ракометари ја гаѓаа само рамката од противничкиот гол, Алкалоид н е постигна гол во последните шест минути од полувремето, а Охрид замина на одмор со 16-9.

Избраниците на Лазаров делуваа разбудено на стартот од вториот дел, за две минути постигнувајќи три гола и намалувајќи на 16-12. Сепак, домаќините набрзина се стабилзиираа и знаеја како искусно да го одржуваат водството, не дозволувајќи победата во ниту еден момент да им биде доведена во прашање. Тимот на Стевче Алушовски го контролираше целосно резултатот, разликата не се спушти под четири гола се до последната минута, кога Алкалоид намали преку Маркоски, пред Шафранко да ги постави конечните 30-26.

Ѓорѓевски беше извонреден на голот со 13 успешни интервенции, а во нападот најдобри кај Охрид беа Цирар со 14 и Шафранко со седум погодоци. Кај Алкалоид најефикасни беа Дамјан Митев со седум и Серафимов со пет погодоци.

Во следното коло Охрид му гостување на тимот на Пролет, додека Алкалоид го очекува дерби-дуел против екипата на Вардар.

Се вчитува...