Охрид реди трансфери: Потпишаа и Ојлески, Кукоски, Ѓорѓески и Стоилевски

Охрид составува сериозна екипа за наредната натпреварувачка сезона откако „сино-белите“ денеска го официјализираа доаѓањето на четири нови ракометари, и тоа сите домашни играчи кои ќе бидат од голема помош за остварување на целиот во новиот шампионат. Голманот Даниел Ѓорѓески по авантурата во Унгарија се враќа во мак-ракометот потпишувајќи за Охрид, а заедно со одличниот чувар на мрежата доаѓаат и три засилувања од Битола, Гоце Ојлески и Милорад Кукоски кои си заминаа од шампионот Еурофарм Пелистер, како и десното крило од Еурофарм Пелистер 2, Никола Стоилевски.

„Среќен сум што се враќам назад во Македонија и посебна чест ми е што ќе бидам дел од ваков одличен проект и тим како што е Охрид. Охрид е сериозна екипа со големи амбиции, а јас се надевам дека оваа сезона ќе ги исполниме сите цели и сите заедно ќе се радуваме на многу победи.” – изјави Ѓорѓески по потписот на договорот со охриѓани.

„Драго ми е што ќе сум дел од ракометниот клуб Охрид, клуб кој што покажува сериозност и квалитет во македонскиот ракомет. Се надевам следната сезона ќе ни биде успешна и ќе славиме многу победи“, додаде искусниот Гоце Ојлески.
Се очекува во наредните денови охриѓани да го именуваат и новиот тренер, и тоа македонската ракометна легенда Стевче Алушовски. Охрид претходно потпиша и странски засилувања, и тоа грузискиот „бомбардер“ Теимураз Орјоникидзе, младиот голман од БиХ, Берин Бркиќ, како и хрватскиот лев бек Рудолф Ѕвонимир Сафранко.

Се вчитува...