„Охрид трчаТ“ поместува граници: Повеќе од 1.000 учесници на неделната трка!

Веќе во втората година од своето постоење атлетискиот викенд „Охрид ТрчаТ“ се наметнува како еден од најзначајните спортски активности на охридското крајбрежје.

По минатогодишните околу 400 пријавени учесници на маратонските трки на 5 и 10 километри, оваа година како што соопштија организаторите на „Охрид ТрчаТ 2018“ се пријавени точно 1025 учесници меѓу кои и најдобрите македонски репрезентативни атлетичари дополнети и со бројни личности од општествениот живот во земјава. Ќе има гости учесници и од Бугарија, Србија, Холандија, Кенија…

Организаторите за неделната трка која стартува од 10 часот на Градскиот плоштад во Охрид најавуваат и вистинска забава со бројни музички изведувачи кои ќе ги има на неколку места, а тие ќе бидат задолжени за што подобра атмосфера меѓу учесниците, бидејќи музика и трчање е совршена комбинација.

На стартот и на целта за музиката ќе се погрижи Dj Regie Rules, неповторливиот Dj Crazy Slave ќе пушта музика кај Бистро Корнер, Филип Жура кај Горна Порта, на кејот Македонија гитаристите Јован Јованоски и Јован Чифлигароски, а кај Св. Софија саксофонистот Зоран Трајчески кој заедно со гитаристите доаѓаат од Државното музичко училиште (ДМУ) Тодор Скалоски – Тетоец.

„Ги повикуваме сите охриѓани и туристи да излезат на улиците во недела или да дојдат на градскиот плоштад да ги бодрат натпреварувачите и на крајот заедно да се забавуваат, бидејќи Охрид ќе биде македонски центар на спортските збиднувања овој викенд“ – велат организаторите на годинашната атлетска манифестација.

Се вчитува...