Охрид викендов ќе живее за атлетиката: Се е подготвено за „Охрид трчаТ 2018“

Утре со почеток од 10 часот најголемиот македонски туристички центар благодарение на спортскиот настан „Охрид трчаТ“ уште еднаш во фокусот на спортска Македонија.

На средбата со медиумите организаторите на Атлетскиот викенд кој втора година се одржува во Охрид потенцираа дека се е подготвено за најголемата спортска манифестација оваа година.

„Сакам да ја изразам мојата благодарност и почит кон организаторите на овој спортско рекреативен настан „Охрид трчаТ“. Горди и среќни треба да бидеме што она кое започна минатата година оваа може да се каже дека претставува веќе вистинско спортско доживување кое е во фокусот на цела Македонија и пошироко. Сите заедно веруваме дека ова ќе стане сериозна традиција. Бројката која надмина 1000 учесници претставува импозантен факт и докажува на каква манифестација ќе бидеме домаќини“ – истакна градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

Директорот на трката, Иван Цветкоски ги сумираше поминатите настани кои го  најавија овој кој ќе се случи викендов. 

„Нашата визија со „Охрид трчаТ“ е долгорочна и се надевам дека нашите поколенија ќе продолжат да ја негуваат. Не секогаш е финансиската поддршка  значајна, колку моралната и логистичката која ние ја добиваме од целиот град почнувајќи од Општина Охрид, јавните претпријатија од градот, медиумите и луѓето кои значат голем мотив за мене и целиот тим на „Охрид трчаТ“. Во изминатиов месец дена „Охрид трчаТ“ изобилуваше со настани. Започнавме со трката со претставниците од СВР Охрид и медиумите, продолживме со ноќната и училишната трка, в сабота со почеток во 11 часот ќе се одржи детската трка, а во недела завршуваме со главниот настан кој ќе започне во 10 часот“ – рече Цветкоски.

Оваа година на „Охрид трчаТ“ се пријавени вкупно 56 тим билдинг екипи, 760 учесници на 5 километри и 280 учесници на 10 километри ја надмина границата од 1000 учесници, а ќе бидат присутни и 160 волонтери од сите возрасти.

Бројката на учесници е за почит не само во наши услови туку и пошироко со оглед дека Охрид трчаТ се одржува втора година по ред. Минатата година на првото издание имавме 430 учесници, а оваа година ја надминавме границата од 1000, што значи дека растеме од година во година. Исто така ме радува бројката на волонтери, бидејќи без нивната помош не може да има ваков настан“ – дополни Цветкоски.

Помеѓу познатите личности ќе трчаат американскиот амбасадор во Македонија, Џес Бејли, амбасадорот на Европската Унија, Самуел Жбогар, пријавени се министрите во Владата на РМ, Филипче, Манчевски и Тевдовски, македонската атлетска елита, поранешната балканска шампионка Оливера Јевтиќ, специјални гости од полумаратоните во Дубровник, Мостар, културно уметнички ѕвезди, новинари и други. Настанот ќе биде пренесуван во живо на официјалниот ју тјуб канал, а линкот ќе биде поставен на Ohrid News и на фејсбук профилот на „Охрид трчаТ“.

ФОТО: www.ohridnews.com.mk

Се вчитува...