Охриѓанецот Осман оди во Кливленд да игра со Леброн Џејмс

Еден од најдобрите млади европски кошаркари, Чедли Осман, е подготвен да си замине од Стариот континент и да си ја испроба среќата во НБА-лигата. Турскиот репрезентативец, кој е роден во Охрид во нашата земја, веќе го известил раководството на Анадолу Ефес дека ќе ја активира клаузулата за заминување за сума од еден милион евра, по што веќе резервирал и лет за САД.

Како што информираат турските медиуми, следна дестинација на Осман ќе биде вицешампионот Кливленд кавалирс, каде родениот охриѓанец ќе има можност да заигра крај Леброн Џејмс. Осман пред две години беше избран на НБА драфтот од Минесота, но Кливленд во меѓувреме го препозна неговиот потенцијал и со „трејд“ ги доби правата врз турскиот репрезентативец.

Токму затоа тој следната седмица ќе седне на преговори со челниците на кавалирси, по што се очекува и официјално да биде потпишан договорот кој ќе биде со важност од најмалку две години.

Се вчитува...