Охриѓани не видоа мака за триумф во Радовиш

Охрид стигна до нови бодови во ракометната Супер-лига откако тимот на Раде Стојановиќ рутински триумфираше на гостувањето против Радовиш со 19-26.

Она што го одбележа овој меч беше неверојатно цврстата одбрана од самиот почеток, поради што по осум минути игра резултатот гласеше 0-0. Првиот гол на мечот го постигна Иван Тасевски во деветтата минута, по што играчите на двата тима конечно се разбудија од „сонот“ кога станува збор за играта во напад. Мечот беше израмнет само до 5-5, потоа Охрид ја презеде контролата и веќе до крајот на полувремето стигна до предност од 7-10.

Надежите за камбек на радовишани паднаа во вода на самиот почеток од второто полувреме, најпрвин Охрид поведе со 7-12, нешто подоцна и со 11-19, решавајќи го прашањето на победникот на овој натпревар.

Кривокапиќ со седум и Андоноски со пет гола беа најефикасни во победничкиот состав, додека прв стрелец на Радовиш при денешниот пораз беше Вујниќ со пет погодоци.

Се вчитува...