„Октоподот“ Митревски недоволен за победа над фаворизираниот Веспрем, лесни победи на Барса и ПСЖ

Македонскиот репрезентативец Никола Митревски имаше нов одличен натпревар во Лигата на Шампионите на кој забележа 14 одбрани, но истите не беа доволни за неговиот Порто да издвои победа над фаворизираниот Веспрем (23-30). Унгарците успеаја да го наметнат своето темпо уште од самиот старт на мечот во кој во еден момент поведоа со 5-12, а високата предност остана и на полувремето (10-16).

Порто заигра далеку подобро во второто полувреме во кое успеа да му парира на унгарскиот тим при што во еден момент ја преполови негативата (21-24), но истото не беше доволно за домаќинтие да се надеваат на победа. До крајот на мечот Веспрем повторно го наметна својот ритам и ја забележа втората победа во третиот меч.

Барселона ги оправда очекувањата и славеше на домашен терен против Динамо Букурешт со 36-32, забележувајќи ја третата победа во првенството. Каталонците своето темпо го наметнаа уште од самиот почеток на натпреварот и веќе до полувремето поведоа со +5 (19-14), а потоа во второто полувреме ја потврдија победата.

До втората победа во сезоната стигна ПСЖ кој на домашен терен славеше над Мотор со 40-32. Тимот од Украина парираше на богатите „светци“ во поголемиот дел од првото полувреме, но парижани преку добрата игра на самата завршница на првите 30. минути стигнаа до предност од +5 (19-14). Домаќините продолжија да го диктираат темпото и во второто полувреме за комотна завршница.

Се вчитува...