Плазма Спортските игри за млади уште еднаш потврдија зошто се настан број еден во Европа. Игрите се уникатно доживување за сите учесници, но и за сите поддржувачи. Претпоследниот ден на меѓународното финале беше резервиран за Ол-стар спектаклот и свечената церемонија по повод 30 години од Плазма Спортските игри за млади.
Ол-стар мечот започна со квизот „Стани зелен амбасадор“, дел од проектот „Zero Waste“ – „Биди дел од играта – Спаси ја нашата планета“, кој се реализира во партнерство меѓу Игрите и „Coca-Cola“. Во квизот учествуваа деца од Македонија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Словенија. Квизот го водеше Дejaн Котига, познат квиз-мајстор и енигматичар.
Подоцна, на главниот плоштад во центарот на Сплит, се одржа традиционалниот фудбалски натпревар помеѓу тимот составен од претставници на УЕФА и спортски ѕвезди, кој се соочи со тимот на Плазма Спортските игри за млади, составен од деца.
За Ол-стар тимот настапија: Александар Чеферин, Златан Ибрахимовиќ, Жилиен Ескуде, Георгиос Карагунис, Владимир Шмицер, Стилјан Петров, Клод Макелеле, Вилијам Галас, Дејвид Џејмс, Марсел Десаи, Аитор Каранка, Павел Недвед, Дарио Срна, Марио Манџукиќ, Немања Видиќ, Ведад Ибишевиќ, Емир Спахиќ, Мехмед Баждаревиќ, Горан Драгиќ, Никола Карабатиќ, Магнус Брунер, Аластер Кембел и Аљоша Асановиќ.
Тимот на Плазма Спортските игри за млади беше составен од деца од петте земји членки на Игрите, како и од гостинската земја Украина. Од Македонија настапија Енис Ферати, Енес Ферати, Фета Ферати и Ања Милеска. Ол-стар тимот го предводеа тренерите Желко Обрадовиќ и Предраг Даниловиќ, додека тимот на Плазма Спортските игри за млади го водеа Шон Дајч и Миодраг Гогиќ.
Плоштадот во Сплит беше исполнет со позитивна енергија, одлична поддршка од публиката и прекрасна атмосфера. Во натпревар со многу голови, за Ол-стар тимот погодија Марио Манџукиќ, Дарио Срна, Никола Карабатиќ и Златан Ибрахимовиќ, додека за тимот на Плазма Спортските игри за млади стрелци беа Јехор Убар, Анка Живановиќ, Ајдин Буљубашиќ и Марко Радовановиќ.
Натпреварот заврши со резултат 4:4, а спортските ѕвезди и децата продолжија да се дружат на Прокуративе. Натпреварот во директен пренос низ Европа и светот го коментираа Славен Билиќ, селекторот на хрватската фудбалска репрезентација, и британскиот новинар и презентер Адријан Чилс.
СВЕЧЕНА ЦЕРЕМОНИЈА ВО НАРОДНИОТ ТЕАТАР ВО СПЛИТ
Во Хрватскиот народен театар во Сплит се одржа свечената церемонија по повод големиот јубилеј – 30 години од Плазма Спортските игри за млади, а беа претставени и новите амбасадори на Игрите.
Гостите ги поздрави Давор Божиновиќ, заменик-претседател на Владата, министер за внатрешни работи и пратеник на премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ.
Александар Чеферин, Предраг Мијатовиќ, Јоханес Хан, Зоран Богдановиќ, Давор Божиновиќ, Ивица Којиќ, Славен Билиќ, Лана Поповиќ, Јелена Дракулиќ, Дарио Срна, Марио Станич, Аластер Кембел, Томислав Мамиќ, Владимир Лучиќ, Ален Бокшиќ, Мехмед Баждаревиќ, Дијана Плештина, Јосип Комар, Ведран Дувњак, Зоран Јанковиќ, Драган Стојковиќ, Желко Туфекчиќ, Лидија Самарџија, Дарио Кожул, Иван Бочина, Немања Видиќ, Лука Модриќ, Немања Матиќ, Владимир Вранковиќ и Горан Лулиќ низ годините беа дел од приказната на Плазма Спортските игри за млади. Тие за својата долгогодишна работа, поддршка и верба добија посебни признанија, кои им беа врачени од децата учесници на Игрите.
„Плазма Спортските игри за млади никогаш не биле резултат на одлуките или работата на еден човек, ниту некогаш ќе бидат. Нашиот постојан тим брои околу 50 вработени, но и јас сум изненаден од тоа колку луѓе се потребни за организација на Игрите во текот на една година – оваа година во организацијата беа вклучени околу 11.000 луѓе.
Кога по 30 години ќе се навратам на нашите почетоци, морам да признаам дека имаше многу повеќе причини да се откажеме отколку да продолжиме. Но, кога денес ќе погледнам сè што постигнавме, навистина сум среќен што мојот тим и јас секогаш успевавме да најдеме сила да останеме и да продолжиме. Шест години по ред сме најголемиот аматерски спортски настан во Европа според бројот на учесници. Тоа никогаш не би можеле да го постигнеме без децата, кои се нашата најдобра реклама. Импресивно е што од година во година поврзуваме сè повеќе деца. Уште поважно е што овие деца, иако доаѓаат од различни земји кои, како што сите знаеме, немаат толку далечно или едноставно минато, покажаа дека се помудри од нас возрасните. Често ме прашуваат која порака би им ја испратил на децата. Вчера реков дека верувам дека тие треба да ни испратат порака нам. Тие веќе го направија тоа и со години ни покажуваат со својот пример. Без разлика колку сме различни и од која земја доаѓаме, сите имаме иста цел и сите живееме на иста планета“, рече Здравко Мариќ.
Нови амбасадори: Магнус Брунер, Ана Ивановиќ и Горан Иванишевиќ
Во рамките на церемонијата беа претставени и новите амбасадори на Игрите: Магнус Брунер, европски комесар за внатрешни работи и миграција, прославената тенисерка Ана Ивановиќ и легендарниот тенисер и тренер Горан Иванишевиќ.
„Спортот ме научи на многу работи – дисциплина, истрајност и фер-плеј, но и како да се справувам и со победата и со поразот. Но, спортот ми даде и нешто повеќе: бесценети пријателства и спомени кои траат цел живот. Токму тоа се вредностите што Плазма Спортските игри за млади им ги пренесуваат на милиони деца ширум регионот. Горда сум што сум дел од оваа приказна и со нетрпение очекувам заедно да ги инспирираме новите генерации“, рече Ана Ивановиќ при нејзиното претставување како амбасадор.
Горан Иванишевиќ, кој ги поддржува Игрите уште од самиот почеток, со својот препознатлив хумор порача:
„Конечно! Здравко, ти благодарам што конечно ме унапреди во амбасадор. Веќе 30 години живееме заедно со Плазма Спортските игри за млади. Јас доаѓам од истата сплитска населба, Брда, каде што започна приказната на Здравко. Знаете дека Сплит е малку тежок град. Во Сплит ништо не чини и никој не чини, а сепак на крајот од денот сè е во ред и сè излегува како што треба. Здравко е еден од оние луѓе кои никогаш не се откажаа. Веруваше во себе и веруваше во овој проект.
Затоа за мене е исклучителна чест што можам да го претставувам овој настан и Плазма Спортските игри за млади. Драго ми е што добивме можност да бидеме уште подобри, да продолжиме и да вклучиме уште неколку земји.
Сакам да им испратам порака на идните амбасадори и на сите оние кои допрва треба да станат амбасадори, без разлика дали го очекуваат тоа или не: кренете го телефонот кога Здравко ќе ви се јави! Јавете се, затоа што тој ќе ве најде. Ќе ѝ се јави на вашата сопруга, мајка и тетка. Ќе дојде кај вас дома. Затоа, за да ја избегнете целата таа непријатност, ќе мора да му се јавите. Најдобро е веднаш да кренете и да кажете: Во ред, Здравко, ќе дојдеме каде што треба.
И ќе дојдете, затоа што ова е прекрасна работа. Голема гордост и чест е да се биде амбасадор на ваков настан. На тебе и на твојот брат Славен ви посакувам уште најмалку 50 години од ова лудило, ентузијазам и енергија. Само продолжете!“, изјави Иванишевиќ.
На свечената церемонија присуствуваа и Златан Ибрахимовиќ, Желко Обрадовиќ, Тони Кукоч, Горан Драгиќ, Никола Карабатиќ, Ивано Балиќ, Петар Метличиќ, Хусеин Мемич, Павел Недвед, Дубравко Шименц, Ведад Ибишевиќ, Емир Спахиќ, Сергеј Барбарез, Марио Манџукиќ, Дино Раѓа, Никола Вујчиќ, Зоран Драгиќ, Дамјан Рудеќ, Стипе Плетикоса, Мирко Хрговиќ, Хасан Салихамиџиќ, Аљоша Асановиќ, Аитор Каранка, Дејвид Џејмс и многу други.
Македонија со гордост ја затвора првата сезона во Плазма Спортските игри за млади, а од Сплит се враќа со седум освоени медали и незаборавни моменти.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
