Олимпијакос го доби трилерот во Мадрид, Црвена звезда со „стотка“ против Милано

Олимпијакос по голема битка успеа да слави на гостувањето против Реал Мадрид со 79-80, во дерби дуелот од 22. коло во Евролигата. Двата европски гиганти водеа голема битка буквално до последните моменти, а пресудни се покажаа промашените слободни фрлања на Лука Дончиќ во последните неколку минути. Словенечкото чудо од дете имаше можност да го реши мечот, но се лизна (се жалеше и на повреда веднаш по мечот), па мораше да се ослободи од топката, а последната шанса отиде во неврат. Судиите најпрвин досудија фаул пред звукот на сирената од Принтезис, но по прегледувањето на снимката беше утврдено дека прекршокот е направен откако времето истече, па им ја доделија победата на кошаркарите на Олимпијакос.

Принтезис со 21 поен беше најефикасен кај грчкиот гигант, додека Дончиќ го заврши мечот со 26 поени за Реал, што сепак се покажа премалку за да се совлада Олимпијакос.

Црвена звезда и без помошта на Перо Антиќ стигна до нов евролигашки триумф, овојпат на домашен терен над Милано со убедливи 100-89. Нападот на „црвено-белите“ функционираше беспрекорно цел натпревар, а најефикасни беа Лесор и Јанковиќ со по 15 поени, додека Рочести го заврши мечот со 14 поени и девет асистенции.

Европскиот првак Фенербахче рутински ја одработе задачата на домашен терен против Брозе баскет, триумфирајќи со 77-69. Јан Весели беше незапирлив со 26 поени и 11 скокови, двоцифре беше само уште Гудуриќ со десет поени, а меѓу стрелците од редовите на Фенер се запишаа единаесет од вкупно 12-те кошаркари кои се најдоа во ростерот на Жељко Обрадовиќ, сите со исклучок на Синан Ѓулер, кој одигра само четири секунди вечерва.

По седумте победи во низа на домашен терен, Жалгирис денеска беше поразен во Каунас од екипата на Химки со убедливи 74-84. Литванскиот првак ја доби првата четвртина со 26-15, но потоа следеше голем пад во играта и пресврт, за конечна победа на ривалот од Русија. Швед и Гил со по 20 поени беа најзаслужни за овој голем триумф на Химки, додека прв стрелец на Жалгирис беше Брендон Дејвис со 15 поени.

Се вчитува...