Олимпијакос го реши и европскиот шампион

Олимпијакос ја потврди решеноста сезонава да се закити со европската круна откако грчкиот гигант вечерва со доминантно издание го совлада актуелниот бранител на трофејот Анадолу Ефес со резултат 76-70. Конечните „плус шест“ не се мерило за случувањата на теренот ако се знае дека Олимпијакос уште во првата ечтвртина стигна до двоцифрена предност и потоа го контролираше резултатот до самиот крај на натпреварот.

Во главна улога беше Везенков, кој го заврши мечот со 23 поени, од кои дури 18 постигнати во второто полувреме од овој дуел. Лунзис, кој доби шанса на местото на повредениот Слукас реализираше 13 поени за Олимпијакос, додека кај Ефес најефикасни со по десет поени беа четири различни кошаркари, и тоа Ларкин, Бобуа, Брајант и Мициќ.

„Црвено-белите“ од Атина се рамо до рамо со Реал Мадрид на делба на првото место на евролигашката табела со скор 16-7. Ефес пак се соочува со сериозна опасност да не се пласира во четвртфиналето откако по овој пораз падна на 11. место на табелата, со 11 победи и 12 порази. Во следното коло Ефес ќе го пречека Реал Мадрид, додека Олимпијакос ќе гостува на „фенерџијата“ Алба во Берлин.

Се вчитува...