Олимпијакос настрада во Милано, Реал скапо ја плати победата во Франција

Милано приреди големо изненадување на крајот од оваа рунда во Евролигата, славејќи на домашен терен над Олимпијакос со убедливи 83-62. Гостите допатуваа како актуелен лидер на табелата и голем фаворит на овој меч, но налетаа на одлично подготвен противник кој знаеше како да го неутрализира нападот на Олимпијакос. Пресудно се покажа второто полувреме што Милано го доби со 48-30, за заслужена победа на избраниците на Еторе Месина. Били Берон со 18 поени беше најефикасен на натпреварот, на спротивната страна Везенков беше задржан на само 10 постигнати поени.

Реал Мадрид славеше на гостувањетo против Асвел со 71-75. Резултатот не е многу убедлив, но мора да се истакне дека „кралевите“ цел натпревар го контролираа резултатот и заслужено стигнаа до тримф. Сепак, голем проблем за нив сигурно ќе претставува повредата на центарот Тавареш, кој настрада во самиот финиш и сега го очекува извесен период надвор од терените. Козер со 14 и Вилијамс Гос со 13 поени беа најефикасни во победничкиот тим.

Фенербахче на домашен терен го декласираше тимот на Виртус Болоња со 104-72, меч на кој својот камбек на терените по долгата пауза поради повреда го имаше Немања Бјелица. Пјер ги предводеше стрелците со 20 поени, пред Мотли и Гудуриќ со по 16 поени во овој убедлив триумф на турскиот гигант.

Се вчитува...