Олимпијакос поведе со 2-1 во финалната серија против Панатинаикос откако „црвено-белите“ ја добија вечерашната рововска битка на домашен терен со резултат 102-92. „Зелените“ допатуваа на теренот на лутиот ривал без својот претседател, контроверзниот Јанакопулос кој утрово беше казнет со едномесечна суспензија поради случувањата на претходниот дуел од оваа финална серија.
Мечот почна со израмнета борба, Фурние стартуваше извонредно со 10 поени без промашување во првата четвртина, а ПАО се соочува со дополнителен проблем по повредата на Рогвакопулос. Избраниците на Атаман одиграа одлично во првото полувреме, на периоди имаа и предност, за на одмор сепак да се замине со минимални 47-45 во корист на Олимпијакос. Актуелниот европски шампион сепак во таборот го имаше извонредниот Фурние, францускиот поентер со серија прецизни удари од далечина донесе двоцифрена предност, но тоа не значеше и крај на возбудувањата.
ПАО се приближи, Олимпијакос пак влезе во серија преку Милутинов, а отпорот беше скршен на една минута пред крајот, кога нервите ги загуби и Ергин Атаман, добивајќи две технички грешки за нецела минута по протестите по еден недосуден прекршок на Милутинов врз Хејс Дејвис.
Фурние беше главна фигура со 28 поени кај Олимпијакос, четири помалку од Французинот постигна Везенков. Грент со 19 поени ги предводеше стрелците на ПАО, 12 постигна Хејс Дејвис, додека Кендрик нан беше запрен на скромни 10 поени.
Следниот натпревар од оваа финална серија на програмата е в среда на теренот на Панатинаикос.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
