Претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, јавно застана во одбрана на селекторот на македонската А репрезентација, Гоце Седлоски, по серијата притисоци и критички напади насочени кон него.
Реакцијата на првиот човек на македонскиот фудбал доаѓа откако националниот тим ја започна новата сезона во Лигата Б од Лигата на нации со четири едноподруго порази, што предизвика бран незадоволство во јавноста.
При своето гостување во спортската емисија „Спорт Фокус“ на ТВ Телма, Омерагиќ децидно истакна дека предводникот на националниот тим ја има целосната и апсолутна поддршка од раководството на федерацијата и од спортскиот сектор. Според него, јавните напади се неоправдани и претерани, а за создавање на препознатлив стил и воигрување на тимот е потребно трпение и време.
„Апсолутно ја има поддршката Гоце Седлоски. Јас не сум човек што луѓето вака лесно ги пушта низ вода посебно кога ќе влезете во вакви процеси. Гоце Седлоски своето знаење го покажал со освоените титули и купови, исто и последните селектори почнаа лошо дури и со послаби противници. Тие немаа вакви противници, од ваков ранг, и имаа лоши односно променливи резултати. Тоа е разбирливо во фудбалот, треба почеток на привикнување, играчите да го разберат неговиот карактер, неговиот начин и размислување. Мислам дека преголема е критиката врз него, неоправдани се нападите, но свесни сме сите што сме на овие позиции дека сме подложни на напади, навреди и критики, тоа е составен дел од фудбалот. Седлоски ја има поддршката од сите нас и ќе продолжи. Знаеме дека ова не е лесно“ – рече првиот човек на ФФМ, притоа дополнувајќи:
„Ние и претходно бевме во Ц дивизијата со години и тоа не беше трагедија. И се губеше од Ерменија со 0-4 и не се бараше ничија оставка. Бевме 150. место на ФИФА-листата и немаше вакви работи. Критики мора да има, тоа е нормално. Посакувам на последните два меча да видиме игра, енергија, напредок, шанси, да дојдат и головите. Нам ни се битни квалификациите за Европското првенство. На пример Барбарез во БиХ го навредуваа во земјата заради високите порази, но потоа се пласира на Светското првенство. Криза на резултати има секаде. Една Романија, со селектор како Хаџи, ги загуби сите натпревари. Со посилни играчи, во посилни клубови. Огромна држава со повеќе жители. Сега ја плаќаме сметката на минатото неработење, каде имаше селектори без лиценца во младите категории, каде место во младите репрезентации се купуваше со пари. Каде селектор до 21 беше книговодителот на претседателот. Не работеле во минатото, ние сега тоа го исправаме. Ама, тоа не можеме со Христов, Пандев, Новески, Најдоски, да го поправиме тоа што ни е оставено во кратко време. Немаме бенефит од Европското првенство, што се направи по него?Кога последен играч е гурнат во оган како Гаштаров? Кај нас се дебитираше во репрезентација, 26-ти играч во чешка или словачка лига, а во домашно првенство не се гледаат играчите што играат по 90 минути. Мора да се постават некои правила. Мора да мислиме што за година, две, три“, рече Омерагиќ.
КОМПЛЕТНОТО ИНТЕРВЈУ НА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ФФМ МОЖЕ ДА ГО ПОГЛЕДНЕТЕ ТУКА
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА
