Омилениот тренер на Пандев се враќа во Џенова?

Џенова се наоѓа во нова резултатска криза, па по вчерашниот пораз од Торино тимот на нашиот Горан Пандев се наоѓа на само пет бода од опасната зона и битката за опстанок. Токму поради ова претседателот Енрико Презиози сериозно размислува за нова тренерска смена, а интересно е што тој планира да го врати на клупата Давиде Балардини.

Станува збор за тренер кој има особено високо мислење за Горан Пандев и под чие водство нашиот ас одлично ја стартуваше оваа сезона. Џенова сепак го отпушти Балардини, на негово место именувајќи го Јуриќ, за нешто подоцна и Хрватот да добие отказ и да биде отпуштен од Презиози. Првиот човек на клубот нема намера да плаќа нов тренер, па кога Балардини се уште е на неговиот платен список според важечкиот договор, големи се шансите за негово враќање назад на „Мараси“.

Презиози сепак ќе треба да ја проголта гордоста, бидејќи жестоко го критикуваше Балардини кога му врачи отказ на 9 октомври 2018 година.

„За мене Балардини е ужасен тренер, во кариерата има добиено 13 откази за 14 години. Само во Самбенедетезе во Серија Ц успеа да издржи цела сезона. Добар е за да извлече тим од компликувана ситуација, но не знае да води сезона од самиот почеток. Тој е прекрасна личност, но не знае да биде тренер“ – истакна тогаш претседателот на Џенова.

Се вчитува...