Орландо го шокираше Милвоки на стартот на плеј-оф серијата

Орландо направи подвиг и забележа стартна победа во серијата од НБА плеј-офот против фаворизираниот Милвоки со 122-110. Најуспешниот тим во Источната конференција во пресметката со осмопласираниот состав беше далеку од нивото што го прикажуваше во текот од сезоната и постојано беше во негатива, во најголем дел двоцифрена. Изостана една од главните карактеристики на Милвоки, добрата одбрана.

Орландо сигурно ја доби првата четвртина и направи десет поени предност, вториот сегмент беше израмнет со по 29 поени за двата тима. Милвоки направи обид за пресврт во првата половина од третиот сегмент, дојде само на минус еден, но Орландо го одби овој напад и повторно си ја врати двоцифрената позитива. До крајот, Милвоки успеваше да ја намали негативата во неколку наврати, но во ниту еден момент не успеа да направи вистински чекор кон преземање на резултатот.

Никола Вучевиќ со рекордни во кариерата во плеј-оф натпревар, 35 поени беше лидер во триумфот за Орландо. Јанис Адетокумбо постигна 31 кај Милвоки. Следниот натпревар од серијата е по два дена. Подобриот од оваа пресметка во втората рунда од разигрувањето ќе се соочи со победникот од серијата меѓу Индијана и Мајами која почна вечерва.

Се вчитува...