Осака е новата „кралица“ на Мелбурн

Наоми Осака продолжува да импресионира на најголемата тениска сцена, откако младата Јапонка го освои и вториот гранслем турнир во низа, по ланскиот пехар од УС Опен таа денеска славеше и во големото финале на Австралија Опен. Јапонската тенисерка за противничка ја имаше Петра Квитова, по голема битка успевајќи да ја совлада со 2-1 во сетови и со оваа победа да се искачи на првото место на ВТА-листата.

Првиот сет донесе израмнета борба на две врвни тенисерки, а Квитова има за што да жали бидејќи не искористи неколку идеални ситуации за брејк, една од нив при водство од 0-40 при 3-3 во гејмови. На крајот пресуди тајбрејкот, а во него Осака експресно презеде контрола и заслужено славеше со 7-2.

Вториот сет беше сосема поинаков, со бројни пресврти, откако Квитова го отвори со водство од 2-0, но потоа следеа четири гејма во низа низа за Осака. Јапонката беше на чекор до трофејот откако при 5-3 имаше 0-40 на сервис на противничката, но Квитова се врати, не само добивајќи го тој гејм, туку и правејќи брејк во наредниот, за израмнување на 5-5. Осака беше во шок, па ги загуби и следните два гејма, по што замина во соблекувалната во обид да се консолидира пред решавачкиот сет.

Тоа и појде од рака на 21-годишната јапонска тенисерка, која во раната фаза од третиот сет направи брејк, поведе со 3-1 и предноста ја задржа се до конечниот триумф (6-4), за втора гранслем титула на Осака и нејзино искачување на првото место на ВТА-листата.

Се вчитува...