Осимен на излезна врата од Галатасарај: Си одам ако не ми дадете пари!

Летниот преоден рок во Турција донесе големи трансфер-зделки и бројни звучни имиња, но додека клубовите инвестираат милиони евра во засилувања, од Галатасарај пристигнуваат информации кои фрлаат сенка врз амбициозните планови на шампионот.

Во моментите кога клубот работи на ангажманот на Брахим Дијаз од Реал Мадрид, најголемата ѕвезда на тимот, Виктор Осимен, јавно го изрази своето незадоволство од односот на раководството, обвинувајќи го клубот дека со месеци не ги исполнува финансиските обврски кон него.

За време на пренос во живо на социјалните мрежи, нигерискиот напаѓач упати остри зборови кон челниците на Галатасарај.

„Три месеци не сум примил плата. Да не бев јас, никој немаше да знае за Галатасарај. Ако не ми платите, ќе си заминам. Неблагодарни луѓе“, порача Осимен.

Неговите зборови брзо се проширија низ турските медиуми и предизвикаа бројни реакции, бидејќи токму Осимен беше еден од најважните играчи во шампионската сезона на Галатасарај.

Во изминатата сезона нигерискиот голгетер одигра 33 натпревари, на кои постигна 22 голови и запиша осум асистенции, потврдувајќи ја улогата на лидер во тимот.

Галатасарај минатото лето плати 75 милиони евра за неговиот трансфер од Наполи, откако претходно настапуваше како позајмен фудбалер и со своите игри го убеди клубот да го откупи неговиот договор.

Јавната критика на Осимен доаѓа во чувствителен период за Галатасарај, кој се обидува да привлече нови фудбалски ѕвезди. Доколку обвинувањата за доцнење на платите се покажат како точни, тие би можеле негативно да влијаат врз имиџот на клубот и да ги натераат потенцијалните засилувања двапати да размислат пред да прифатат преселба во Истанбул.

Се вчитува...