Осман: Знам дека и Македонците навиваат за мене

Џеди Осман го привлече и вниманието на американската јавност откако на синоќешниот меч од олстар викендот се појави во патики со знамињата на две држави, родната земја Македонија и Турција, државата чии бои ги брани и каде го мина поголемиот дел од животот.

„Многу сум среќен што сум тука и што бев дел од овој натпревар, беше многу забавно. Роден сум во Македонија, а вечерва ја претставувам Турција. Двете знамиња на моите патики се знак дека ги претставувам двете држави, им ја покажувам мојата љубов. Знам дека и Македонците навиваат за мене исто како и Турците“ – порача Осман по својот настап на „мечот на ѕвезди во подем“.

Осман, кој е роден во Охрид, настапи за „тимот на Светот“ при поразот од „тимот на САД“ од 144-161. Тој одигра 15 минути од овој ревијален натпревар, реализирајќи два поени, три скока и четири асистенции.

Се вчитува...