Османи: Чувавме играчи за Розенборг, но тоа не смее да ни биде изговор

Шкендија по првите две кола од новата сезона се уште е без победа, откако по ремито на дербито со Вардар тетовци имаа сличен исход и против новиот прволигаш Македонија ЃП (0-0). Тренерот Ќатип Османи го ротираше тимот за да одмори дел од првотимците за претстојниот дуел со Розенборг, очекувајќи лесни три бода против „лавовите“, па сега со право е разочаран од изданието на актуелниот првак.

„Се решив за комбиниран тим за дел од играчите да можат да одморат, но не игравме на посакуваното ниво, токму затоа и резултатот е таков каков што е. Секако дека не се среќни, два бода по две кола, но ова е само почеток на сезоната и има сосема доволно време. Фактот дека чувавме дел од првотимците за Розенборг не смее да ни биде изговор, оние кои настапија требаше да победат, но не го сторија тоа. Наш главен проблем беше безидејноста во последните 25 метри пред противничкиот гол, немавме завршно додавање што ќе ја направи разликата и ќе создаде шанса“ – изјави стратегот на Шкендија.

Македонскиот првак в четврток му гостува на Розенборг во плејоф-пресметката за влез во групната фаза од Лигата на Европа, меч што ќе се игра во Трондхајм со почеток во 20.45 часот.

Се вчитува...