Османи: Не треба да се лажеме дека битката за титула е готова

Шкендија на најдобар можен начин, со убедлива победа од 3-0 во градската пресметка против Ренова, го заокружи есенскиот дел од шампионатот. Сето тоа за задоволство кај Ќатип Османи по заокруженото прво место на крајот од првиот дел од сезоната.

„Да бидам искрен малку стравуваме како ќе ја завршиме есента по оној пораз од Академија Пандев. Но, против Ренова одигравме тактички добро, максимално дисциплинирано и како резултат на сето тоа дојде победата. Ако се исклучи дел од првото полувреме, мислам дека цело време бевме подобар противник на теренот. Може да кажам дека сега веќе уживаме и во играта на оние помлади фудбалери Нафиу, Бојку, Имери, Зејнулаи кои го покажуваат својот квалитет“ – истакна по мечот Османи.

Што се однесува околу битката за титулата…

„Предноста е само пет поени. Ова е само прв дел од сезоната, не треба да се лажеме дека се е готово во битката за титула. Ако направиме краток осврт на есенскиот дел, мислам дека Шкендија можеше да има уште некој бод повеќе. Кога го кажувам тоа, мислам пред се на оние два порази од Победа и од Академија Пандев овде во Тетово“ – вели Ќатип Османи.

Се вчитува...