Османи: Сакаме во плејофот на Лига Европа, но нема да биде лесен реваншот со Тракаи

Шкендија имаше многу маки на гостувањето во Литванија против Тракаи. Загуби со 2-1, но и тоа е активен резултат, ако се знае дека во второто полувреме играше со двајца играчи помалку поради исклучувањата на Стенио Жуниор и на Адријан Цуцули. Тие нема да играат ниту на утрешниот реванш, како и повредениот Штефан Вујчиќ, кој ќе паузира долго поради тешката повреда, скинати предни вкрстени лигаменти на коленото.

Но, тренерот Ќатип Османи верува дека Шкендија може да стигне до успех и да се пласира во плејоф колото за пласман во групите од Лигата на Европа.

„Имавме една седмица да го анализираме настапот на првиот меч, да сфатиме каде грешевме, и што треба да подобриме за утрешниот реванш. Се надевам дека ќе одиграме многу подобро на реваншот во Струмица и дека ќе ја анулираме предноста на Тракаи. Ќе биде многу тешко, ќе ни недостигаат тројца многу важни фудбалери, Жуниор, Цуцули и Вујчиќ, но верувам дека сите кои ќе добијат шанса ќе ја оправдаат на најдобар можен начин. Нашата цел е јасна, сакаме да обезбедиме пласман во плејоф колото од Лигата на Европа, да дојдеме на еден чекор до групите, и потоа да го направиме и тој финален исчекор“, истакна тренерот Ќатип Османи на денешната прес – конференција во Струмица.

Натпреварот меѓу Шкендија и Тракаи ќе се одигра утре, со почеток во 17 часот, на стадионот „Младост“ во Струмица.

Се вчитува...