Остапенко: Не можам да поверувам дека јас го освоив Ролан Гарос

Летонската тенисерка Јелена Остапенко стана сензационална победничка на гранслем турнирот Ролан Гарос, откако во големото финале ја совлада Романката Симона Халеп со 2-1 во сетови. За неа тоа е прв трофеј воопшто на ВТА турнирите, и веднаш од „големиот шлем“. Како што вели, самата не може да поверува какво чудо направи.

„Не можам да поверувам дека јас го освоив Ролан Гарос. Ако е сон, ве молам, не ме будете. Сакам да уживам. Навистина сум пресреќна“, изјави Јелена Остапенко, откако ја совлада Халеп, со голем пресврт, со оглед дека го загуби првиот сет. Дури и во третиот губеше со 3-1 во гемови.

20-годишната сензација вели дека само решила да го удира топчето најсилно што може.

„Не бев нервозна, но во еден момент почувствував дека мечот ми се лизга од рацете. Тогаш решив, ќе удирам по топчето најсилно што можам. И тоа се исплатеше, почнав да погодувам, и ја презедов иницијативата“, објасни Остапенко.

Во финалето во машка конкуренција, денеска силите ќе ги одмерат Рафаел Надал и Станислас Вавринка.

Се вчитува...