Остатоци од ММА борец пронајдени во градежен отпад во Загреб

Хрватската полиција официјално потврди дека се пронајдени човечки останки во кругот на претпријатие во загрепската населба Пешченица, а во јавноста веќе протекоа првите шокантни и неофицијални детали кои упатуваат на трагичниот крај на 26-годишниот ММА борец, Абрахам Салимон Аре.

Првичните делови од скелетот биле откриени при прекопување на терен каде што се депонирал разновиден отпад. Откако полициските екипи утврдиле дека станува збор за остатоци од помлад маж, веќе следниот ден бил пронајден и долниот дел од костурот. Сите посмртни остатоци се итно транспортирани во Заводот за судска медицина и криминалистика, каде медицинските експерти преку детални вештачења треба дефинитивно да го потврдат идентитетот, да ја утврдат точната причина за смртта и да проверат дали има траги на насилство.

Според информациите на локалните медиуми, остатоците пристигнале на локацијата заедно со градежен шут транспортиран од градилиште во Загреб. Во спортските кругови веќе наголемо се шпекулира за морничаво сценарио – наводно, Аре се предозирал во напуштена куќа предвидена за рушење, по што при расчистување на објектот, градежен булдожер ненамерно го собрал неговото тело заедно со шутот и го натоварил во камион за отпад. Истрагата е во тек и треба да ги расветли сите околности на овој бизарен случај.

Се вчитува...