Остојиќ: Ф4 турнирот во СЕХА – лигата ќе се одржи во септември

РК Вардар административно е елиминиран од Лигата на шампионите, а обврските во СЕХА – лигата ќе продолжат дури во септември. Тогаш најверојатно ќе биде закажан Ф4 турнирот од оваа сезона, која беше прекината поради пандемијата на коронавирусот.

Директорот на СЕХА, Синиша Остојиќ за хрватски „РТЛ“ изјави дека септември е најреалната опција за одржување на фајналфор турнирот, а веднаш потоа би почнала и новата ракометна сезона.

„Доколку тимовите почнат со тренинзи на 1. јули или на 15. јули, мора да им биде оставен простор за подготовки. Затоа одлучивме Ф4 да биде првиот викенд во септември. Не е реална опцијата да се игра во јули и август бидејќи е премногу топло. Планот кој го имаме е во септември, кога вообичаено започнува СЕХА лигата, да се одиграат заостанатите натпревари и веднаш потоа за еден викенд да биде одигран и фајналфор турнирот пред почетокот на новата сезона“, изјави Синиша Остојиќ.

Вардар го очекува и реванш меч од четвртфиналето против Нексе за да обезбеди пласман на завршниот турнир.

Се вчитува...