Осум сегашни репрезентативци знаат како се победува Словенија на големите натпреварувања

Македонија попладнево во 15.30 часот против Словенија ќе го одигра првиот натпревар од главната фаза на СП 2021. „Црвено-жолтите“ по двата убедливи порази на стартот од мундијалскиот настап, успеаја да слават на третиот меч против Чиле и да обезбедат учество во главната фаза, остварувајќи ја првично зацртаната цел. Останува да се види дали тој триумф конечно ќе придонесе да се намали и притисокот што самите ракометари си го создадоа, па со една порелаксирана игра да се поправи впечатокот по првите два порази.

Нема дилеми, Словенија предводена од Јанц, Доленец, Зарабец и останатите асови е голем фаворит на овој натпревар, но Словенците уште пред мечот се потсетија дека никако не смеат да си дозволат да ја потценат Македонија, бидејќи тоа скапо го платиле пред три години.

Во првото коло од ЕП 2018 Македонија предводена од Раул Гонзалес на клупата славеше над Словенците со 25-24, најавувајќи го одличниот настап во Загреб кога нашата селекција ја заврши групната фаза на првото место, пред Германија, Словенија и Црна Гора. Репрезентацијата на овој мундијал ни е подмладена, но се уште има осум ракометари од тој европски шампионат: Кире Лазаров, Митревски, Кузмановски, Никола Маркоски, Стоилов, Пешевски, Поповски, Талески и Мартин Велковски.

Капитенот Лазаров постигна седум гола при тој последен триумф, но во однос на мечот во Загреб ќе го немаме Манасков, кој со осум гола беше најефикасен на натпреварот, Георгиевски и Миркуловски кои беа прецизни по двапати, голманот Ристовски, потоа голманот Ристовски, специјалистот за одбрана Ацо Јоноски, како и Немања Прибак.

Се вчитува...