Отказ за Џампаоло, Милан го избра и новиот тренер

Марко Џампаоло од денеска и официјално повеќе нема да биде тренер на Милан. Одлуката за смена е веќе донесена и ќе биде официјализирана во текот на денот, а Паоло Малдини и Звонимир Бобан веќе го договориле и новиот стратег на клубот. Станува збор за Стефано Пиоли, кој според најавите на италијанските медиуми веќе е во Милано и попладнево ќе го води тренингот на „росонерите“.

Триумфот во последното коло над Џенова не го спаси Џампаоло, а клупските директори сметаат дека сега е вистински момент за разделба бидејќи новиот стратег ќе има десетина дена да се запознае со фудбалерите (оние кои не се репрезентативци во своите земји) и да им ги пренесе своите тактички замисли. Пиоли не важи за врвно тренерско име, овој стратег во април беше отпуштен од Фиорентина по серија катастрофални резултати, но „росонерите“ се надеваат дека ќе успее да состави победничка комбинација од актуелниот играчки состав.

Милан моментно се наоѓа на 13. место на табелата со само седум освоени бода. Во следното коло „росонерите“ на домашен терен ќе го пречекаат Лече.

Се вчитува...