Откажаа дефинитивно Алиоски и Тричковски, дополнителен повик за Костадинов

Фудбалската репрезентација на Македонија се соочува со многу кадровски проблеми во пресрет на последните два квалификациски натпревари од циклусот за ЕП 2020, против Австрија во Виена на 16 ноември и три дена подоцна против Израел во Скопје. Од списокот на селекторот Игор Ангеловски, на кој ионака има ѕвездички зад имињата на тројца фудбалери, кои поради жолти картони немаат право на настап против Австријците, се придодоа и повредите на Езгјан Алиоски и на Иван Тричковски. Тие дефинитивно нема да пристигнат утре напладне на собирот во хотелот „Гранд Плаза“.

Покрај овие проблеми, утре работа ќе има и лекарскиот тим. Да ги тестира можностите на Стефан Спировски и на Дарко Велковски да одговорат на репрезентативните обврски. Тие исто така се неизвесни, иако нивното пристигнување во Скопје е потврдено.

Селекторот Ангеловски реагираше и му упати дополнителен повик на Тихомир Костадинов, фудбалерот за врска на словачкиот тим Ружомберок, кој има минат стаж во младинскиот национален тим, а прикажува добри игри во словачкото првенство. Претходно, Ангеловски објави список од 23 фудбалери меѓу кои за првпат е повикан Даниел Аврамовски од Вардар, а повратник е Никола Ѓорѓев од Грасхоперс.

Се вчитува...