Откриен новиот клуб на Андрес Иниеста

Веќе нема никакви дилеми, Андрес Иниеста својата кариера ќе ја продолжи во Кина, но тоа нема да биде во редовите на Тианјин како што претходно најавуваа шпанските клубови. Чонгкинг Дангдаи Лифан ќе биде новиот клуб на шпанскиот фудбалски генијалец, јавува кинеската телевизија ППТВ, според која сите детали од трансферот се договорени, а истиот на барање на Иниеста ќе биде официјализиран по финалето од Копа дел реј против Севилја.

Зад трансферот стои кинескиот милијардер Јианг Лижанг, кој важи за голем спортски вљубеник и спонзор на бројни колективи. Тој е сопственик на шпанскиот клуб Гранада, исто така поседува и 60% од акциите во Парма, а со 5% од вкупните акции е дел и од НБА-тимот Минесота тимбервулвс.

Лижанг е лидер на инвестицискиот фонд „Деспортс“, кој е поврзуван со уште една ѕвезда на Барселона, дефанзивецот Жерар Пике.

Чонгкинг е град со над 30 милиони жители, а раководството на клубот очекува и „фудбалска треска“ со доаѓањето на Иниеста. Оваа екипа, чиј тренер е Португалецот Пауло Бенто, моментно по седум одиграни кола се наоѓа на четвртото место на табелата во кинескиот шампионат.

Се вчитува...