Откриени платите во Ливерпул: Салах зема двојно повеќе пари од Мане, Алисон со помала плата од Жота

Ливерпул се наоѓа во огромна резултатска криза по загубените четири средби во низа во Премиер-лигата, Јирген Клоп не може да крене глава од проблеми,  „црвените“ денеска повторно се најдоа во центарот на вниманието на јавноста откако беа обелоденети платите на сите фудбалери кои го носат дресот на актуелниот првак на Англија.

Мохамед Салах очекувано е најплатен фудбалер на „црвените“ со заработка од 12 милиони евра по сезона, а веднаш зад него се наоѓа Тијаго Алкантара, кој потпиша договор вреден 11,5 милиони евра годишно по трансферот од Баерн Минхен. На делба на третото место се наоѓаат Ван Дајк и Фирмино со по 10,7 милиони евра годишно, а големо изненадување  што Садио Мане добива двојно помала плата од Салах – точно шест милиони евра по сезона. Сенегалецот се уште се нема договорено за продолжување на соработката со што би добил и значително зголемување на платата, но доколку наскоро не се потпише нов договор Мане лесно би можел да си замине од „Енфилд“.

Интересно, голманот Алисон Бекер зема помала плата (5,3 милиони евра) од резервниот напаѓач Диого Жота (5,4 милиони евра). Џо Гомез, кој пред повредата беше стандарден партнер на Ван Дајк, зема помала плата од резервниот голман Адријан. Уште еден парадокс е што резервниот лев бек Цимикас по трансферот од Олимпијакос добил плата од 3,6 милиони евра, што е повеќе од она што во моментов го заработуваат стартните бекови во тимот на Клоп, Робертсон (три милиони годишно) и Александер Арнолд (2,3 милиони евра годишно).

Се вчитува...