Отсутни од ЕВРО 2022 – континенталниот собир без бројни ракометни „ѕвезди“

На петнаесетина дена пред стартот на европскиот шампионат се поголеми се и проблемите со кои се соочуваат селекторите, кои секојдневно остануваат без некој од поважните ракометари во своите репрезентации.

Ова беше повод ракометниот портал Handball World да објави листа на играчи кои од најразлични причини нема да бидат дел од ЕП 2022.

Дејан Манасков е единствениот во таборот на Македонија што поради повреда ќе го пропушти овој шампионат, додека Данска ќе биде без помошта на левиот бек Ласе Мелер и пивотот Андерс Закариарсен. Словенечкиот селектор Врањеш засега нема никакви проблеми со повредите, но сосема поинаква е ситуацијата во таборот на Црна Гора. Бакиќ и Липовина дефинитивно нема да биде дел од црногорскиот национален тим, а неизвесен е настапот на Божовиќ, Симовиќ и Вујовиќ, кои се мачат со незгодни повреди.

Португалија ќе биде значително ослабена поради неиграњето на пивотот на Барселона, Луис Фраде, како и отсуствата на Диого Силва од Порто и Андре Гомеш од Мелсунген. Десното крило Хорнијак е единствениот повреден играч во унгарскиот табор, Исланд ќе биде без суперталентот Трастарсон од Киелце, додека кај Холанѓаните ќе недостига десниот бек на Либек, Нилс Ферстајнен.

Хрватска ќе биде сериозно ослабена поради неиграњето на десниот бек Степанчиќ, а речиси сигурно во составот нема да биде ниту поранешниот „вардарец“, Игор Карачиќ. Во српскиот табор се уште чекаат да видат дали Петар Ненадиќ ќе се опорави од повредата за да настапи во групата во Сегедин, каде Французите ќе бидат без Ремили.

Со многу проблеми се соочуваат и Германците, кои на овој шампионат ќе бидат без помошта на Грецки, Вајде, Друкс, Кнор и Семпер.

Шпанија исто така ќе биде ослабена, поради неиграњето на браќата Душебајев, а неизвесен е и настапот на голманот Коралес и на десниот бек Македа.

Се вчитува...