Отворено писмо од Азаренка – Карантинот е тежок, но од него зависат човечки животи

Викторија Азаренка упати отворено писмо до јавноста, во врска со ситуацијата на Австралија опен. Многу тенисери се жалеа на условите и карантинот од 14 дена поради летовите со авион во кои имаше евидентирано неколку заразени лица од КВИД-19.

Сепак, Азаренка апелираше до сите да се придржуваат до мерките, иако тие се ригорозни. Викторија ги потсети своите колеги дека здравјето е пред се’, па затоа сите заеднички треба да си помогнат и да имаат трепение и разбирање.

„Ова е многу тешко време за многумина од нас, вклучувајќи ме и мене, не очекувавме дека ќе бидеме во тежок 14-дневен карантин, тешко е да прифатиме услови за работа поради сè што поминавме надвор од сезоната, да се подготвиме да го играме првиот Гранд слам на сезоната. Ја разбирам фрустрацијата и чувството на неправда што преовладува, но пандемијата во светот е реалност за сите“, напиша меѓу другото Азаренка.

Таа ги замоли своите колеги да не бидат остри кон луѓето кои им помагаат во сместувањето, бидејќи тие исто така се соочуваат со правилата што треба да се почитуваат.

„Ние сме во време на глобална пандемија, никој нема јасни ‘правила на игра’ за да работи со полн капацитет, сето тоа го видовме минатата година. Понекогаш работите треба да се прифатат, тие треба да се прилагодат и да продолжат понатаму. Само би сакала да ги замолам сите колеги за соработка, разбирање и емпатија за локалната заедница која помина низ многу ригорозни мерки. Ниту тие го избраа тоа, беа принудени да се придржуваат до мерките. Да бидеме сочувствителни со луѓето кои останаа без работа или блиски во овие страшни периоди низ целиот свет. Би сакала да ги замолам сите да имаат почит кон оние кои неуморно работат за да ни го олеснат животот“, напиша Азаренка.

Азаренка исто така побара од медиумите да бидат свесни за моменталната состојба, со порака дека здравјето на сите е на прво место.

„Работите се секогаш полесни кога имате сочувствителна околина и кога работите заедно. Уште еднаш, благодарение на сите напори, ќе продолжиме сите заедно да соработуваме во наредните денови и недели“, заклучи тенисерката.

Се вчитува...