Ова е моќна Македонија….Ја „исплескавме“ и Белгија!

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 19 години го зема и скалпот на Белгија (2-1) и обезбеди пласман во елитните квалификации за ЕП. И тоа за првпат во нашата историја на младинскиот фудбал.

Кога наша фудбалска селекција ќе може да ја победи Белгија, која важи за земја со фантастични фудбалски таленти, тогаш јасно е дека злато вреди. Елмас, Чурлинов, Атанасов, Митровски, и сите останати млади момци, предводени од селекторот Вујадин Станојковиќ ги заслужуваат сите честитки за настапите во овие две кола од турнирот што се одржува во Скопје. По Швајцарија, падна и Белгија, и нашата Македонија е дел од елитните квалификации.

Белгија прва поведе со голот на Фулон, но македонските фудбалери воопшто не се поколебаа. Почнаа да играат многу подобро, и успеаја да израмнат со голот на Елиф Елма во 24.минута. Чурлинов нафрли, а Елмас со удар со глава ја затресе мрежата на Белгија. Во првиот дел, Македонија постигна и уште еден гол преку Митровски, но беше поништен поради наводна офсајд позиција.

U19 Makedonija - Belgija 5

На стартот од вториот дел, Чурлинов имаше две изгледни шанси, а потоа Белгија тргна во силни напади. Сепак, конечниот удар го зададе Македонија. Во 84.минута, Белгијците останаа со играч помалку по исклучувањето на Луис Верстрате, а две минути подоцна беше досуден пенал за Македонија. Чурлинов беше соборен во шеснаесетникот, а Јани Атанасов беше успешен реализатор, исто како и против Швајцарија.

До крајот, Атанасов имаше уште една можност, но белгискиот голман успеа да одбрани. Но, најважно е што Македонија го зема скалпот на силната Белгија и со две победи во две кола слави пласман во елитните квалификации за пласман на ЕП.

Се вчитува...