Ова се сите нови рекорди кои ги постави Новак Ѓоковиќ

Новак Ѓоковиќ ја продолжи доминацијата во „белиот спорт“ и на последниот грен-слем турнир во сезоната. Во големото финале на УС Опен српскиот тенисер славеше против Русинот Данил Медведев со максимални 3-0 во меч кој траеше нешто повеќе од три часа.

Во победата Србинот забележа и нови рекорди. Тој сега е најстариот освојувач на УС Опен со 36 години и 111 денови. Покрај тоа финалето ќе влезе во историјата и како „најстаро финале“ во Њујорк со збир на 63 години на финалистите.

По бројот на освоени грен-слем Ѓоковиќ нема рамен тенисер, а сега не постои ниту една тенисерка која е подобра од него. Србинот и Маргрет Корт која настапуваше во периодот помеѓу 1960 и 1973 година се изедначи со по 24 грен-слем титули.

Ѓоковиќ оваа година ги освои титулите на Австралија Опен, Ролан Гарос и УС Опен, а играше и во финалето на Вимблдон каде беше поразен од Карлос Алкараз. Тоа е четврти пат Србинот да освојува три грен-слем турнири во една година (2011, 2015, 2021 и 2023 година) со што го надмина Роџер Федерер кој има три вакви успеси.

За мотивацијата на Србинот говори и фактот дека од него нема подобар кога се во прашање „тај-брејковите“. Оваа година тој освои вкупно 17 „тај-брејкови“ на грен-слем турнирите со што постави нов рекорд.

Со освојувањето на УС Опен Ѓоковиќ се врати и на врвот на АТП листата што за него е 390. недела над сите. Никој во историјата нема ваков учинок.

Се вчитува...