Ова се правилата на АБА: Еве зошто МЗТ треба да игра во АБА1, а Србите за џабе „плачат“

Српските клубови и јавноста кај северниот сосед интензивно вршат притисок врз челниците на АБА-лигата за промена на пропозициите за промоција од АБА2 во АБА1, се со цел Златибор како шампион директно да влезе во елитното друштво на местото на МЗТ Скопје.

Црвена Звезда денеска се јави со соопштение со кое јавно се спротивставува на идејата за бараж меѓу две српски екипи, при што „црвено-белите“ најавија дека пропозициите за АБА1 за наредната сезона секако ќе се променат и во елитното друштво ќе има простор за шест екипи од иста земја.

ЕКИПА во истражувањето на целиот случај дојде до документот „Правилник за работа и натпреварување во АБА2, сезоната 2021/22“, каде во членот 5 е наведено каква е процедурата за влез од АБА2 во АБА1.

Во членот 5.3.1 децидно е опишан случајот: Доколку во случај пет тимови да настапуваат од една држава во АБА1, а првакот на АБА2 доаѓа од таа држава, тогаш право за настап во АБА1 има победникот на натпреварот од победникот на АБА2 и најслабо рангираниот тим од АБА1 од државата која има пет екипи во оваа лига.

Во тој случај, согласно членот 5.3.2 право на настап во АБА1 обезбедува следниот најдобро пласиран од АБА2 што не доаѓа од земјата која веќе има пет клуба во АБА1 лигата, што во оваа конкретна ситуација е МЗТ Скопје.

Правилата се апсолутно децидни и јасни, па согласно овој документ издаден пред почетокот на сезоната во АБА2, повеќе од јасно е зошто МЗТ Скопје мора да биде промовиран во елитното регионално кошаркарско друштво. А Србите воопшто не се во право кога „плачат“ на оваа тема.

Впрочем, истиот систем на влез е наведен и во Правилникот за натпреварување во АБА1-лигата за сезоната 2021/22, во членот осум со назив – Право на играње во АБА1.

Притоа, во членот 8.4 се објаснување дека првакот на АБА1 ќе мора да игра бараж со најслабиот тим од својата земја доколку оваа држава веќе има пет учесници во елитното друштво.

Во членот 8.4.2 е наведено дека во ваква ситуација пласман во елитата обезбедува следниот најдобро пласиран клуб од АБА2 што не доаѓа од државата со пет екипи учеснички. Конкретно за оваа сезона – МЗТ Скопје.

Се вчитува...