Мајкл Овен долго време важеше за најдобар англиски напаѓач додека ги бранеше боите на Ливерпул, но одличниот голгетер во 2004 година реши да си замине од „Енфилд“. Тој на масата имаше неколку понуди, но на крајот ја избра онаа на Реал Мадрид, како што открива – за инает на тимскиот колега Џејми Карагер.
„Бевме во САД на подготовки со Ливерпул, за тренер штотуку пристигна Рафа Бенитез. Ми се јави агентот и ми рече дека може да ме однесе во Реал Мадрид. Џејми Карагер беше со мене во собата, дискутиравме на темата и тој ми кажа дека ќе згрешам ако отидам во Реал бидејќи нема да бидам стандарден таму. Ме фати инает и уште повеќе притиснав тој трансфер да се реализира, само за да му докажам на Карагер дека не е во право“, открива Овен.
Сепак, дефанзивецот беше апсолутно во право со својата проценка, Овен остана во сенката на Раул. Овен одигра само 26 средби, постигна 16 погодоци, по што беше продаден во Њукасл за 17 милиони фунти, трансфер по кој неговата кариера почна забрзано да се движи во надолна линија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА